Со години, Фејсбук на некои од најголемите светски технолошки компании им дозволува поинтрузивен пристап до личните податоци на корисниците отколку што претходно се сметаше, ефективно изземајќи ги овие деловни партнери од вообичаените правила за приватност, пишува The New York Times.
Посебните договори се детално опишани во стотици Фејсбук документи, добиени од страна на The New York Times. Евиденцијата, направена во 2017 година од страна на внатрешниот систем на компанијата за следење на партнерствата, обезбедува најцелосна слика за практиките на споделувањето на податоци од страна на социјалната мрежа.
Преку документите исто така се нагласува значењето на личните податоци како најценета стока во дигиталната ера, со која се тргува во огромни размери од страна на некои од најмоќните компании во Силиконската долина и пошироко.
Размената најпрво требаше да им користи на сите, а притискајќи за да достигне експлозивен раст, Фејсбук доби многу повеќе корисници, зголемувајќи го својот приход од реклами. Фејсбук корисниците станаа поврзани со своите пријатели на различни уреди и веб-страници – но, Фејсбук, исто така, доби извонредна моќ во поглед на личните информации на своите 2,2 милијарди корисници – контрола која што ја користеше со мала транспарентност или надворешен надзор, додава The New York Times.
Така, Фејсбук му дозволи на Мајкрософт Бинг пребарувачот да има увид во имињата на речиси сите Фејсбук корисници без нивна согласност, покажува евиденцијата, додека на Netflix и Spotify им даде можност да ги читаат приватните пораки на корисниците на Фејсбук.
Социјалната мрежа исто така му дозволила на Амазон да ги добие имињата на корисниците и информациите за контакт на нивните пријатели, а на Јаху, пак, му дозволила да ги прегледува постовите на корисниците, и покрај јавните изјави дека тие уште години наназад престанале со тој тип на споделување информации.
Фејсбук во моментов се опоравува од серијата скандали поврзани со приватноста на корисниците, кои започнаа во март години со објавата дека политичка консултантска фирма, “Кембриџ Аналитика“ неправилно ги користела податоците на Фејсбук за да изгради алатки кои ја поддржаа кампањата на американскиот претседателот Доналд Трамп во 2016 година.
Признавајќи дека ја изневерила довербата на своите корисници, Фејсбук потоа инсистираше дека има воспоставено построги заштити за приватност, додава весникот.
Но, документите, како и интервјуата со околу 50 поранешни вработени на Фејсбук и неговите корпоративни партнери, откриваат дека Фејсбук всушност на одредени поголеми компании им дозволил пристап до податоците и покрај тие заштити. Документите исто така го покренуваат прашања за тоа дали Фејсбук го прекршил договорот за согласност од 2011 година со Федералната комисија за трговија, што и забранува на социјалната мрежа да ги споделува корисничките податоци без претходно да добие експлицитна дозвола, потенцира The New York Times.
Поврзани артикли