Градските власти во Истанбул спроведуваат пилот-проект што на корисниците на јавниот превоз им овозможува билетот да го плаќаат со рециклирање на пластични шишиња, лименки или хартија, пренесува порталот за технологија SoyaCincau.com.

Програмата се спроведува преку автомати што примаат пластични шишиња, лименки или хартија, а потоа на корисничка картичка исплаќаат одредена сума.

Картичката може да се користи во јавниот превоз, но и за некои други јавни услуги. Автоматите се поставени на 25 локации во градот, а градските власти до крајот на годината најавуваат уште 75 нови машини.

Еднократно возење во метрото во Истанбул чини околу 40 центи. За да си обезбедат едно возење преку рециклирање, корисниците треба да вметнат околу 87 шишиња во автоматите.

Овој проект е дел од програма за промовирање на рециклирањето во Истанбул. Имено, Турција е рангирана дури на 108. место според Environmental Performance Index (EPI)  за 2018. Овој индекс беше воведен од Центарот за право и политика во областа на животната средина на Универзитетот Јеил со цел да рангира 180 земји според 24 критериуми во однос на заштитата на животната средина.

Турција годишно произведува 31 милиони тони отпад, од кои само 11 проценти се рециклираат.