Истражувачите нашле ефикасен дел на мозокот каде преку електрична стимулација може да се подобри расположението кај луѓето кои страдаат од депресија, пренесува Science Daily.

Како што пишува Current Biology, стимулацијата на мозочниот регион наречен латерален орбитофронтален кортекс (OFC) веројатно предизвикува акутно подобрување на расположението кај пациенти кои страдаат од депресија.

Ефектите не биле забележани кај пациенти кои не покажале симптоми на промена на расположение, што укажува на тоа дека мозочната стимулација функционира на нормализирање на активноста во невралните кола што се поврзани со расположението, велат истражувачите.

“Стимулацијата предизвика модел на активност во регионите на мозокот поврзани со OFC, слично на она кога пациентите природно доживеале позитивни промени на расположението“ рекол Викрам Рао, истражувач при Универзитетот на Сан Франциско во Калифорнија. “Нашите наоди укажуваат на тоа дека OFC е ветувачка нова стимулативна цел за третман на нарушувања на расположението“, додал тој.

Тимот предводен од Рао и Кристин Селерс испитувал 25 пациенти со епилепсија, кои имале електроди сместени во мозокот поради медицински причини, за да го утврдат потеклото на нивните напади. Многу од овие пациенти, исто така, страдале од депресија, што често се среќава кај лица со епилепсија.

Со согласност на пациентите, тимот на Чанг ги искористил тие електроди за да испорача мали електрични импулси во деловите на мозокот за кои се верува дека се вклучени во регулирањето на расположението.

Претходните студии ја истражуваа длабоката мозочна стимулација (DBS) при нарушувањата на расположението, но нејзиниот успех зависи од изборот на деловите на мозокот. Целите во други делови поврзани со расположението длабоко во мозокот не секогаш носеле и нови подобрувања на состојбата, додава Science Daily.

Во новата студија, истражувачите го фокусирале своето внимание ексклузивно на електричната стимулација на OFC, кој е еден од клучните центар на мозокот кои се поврзани со расположението, но исто така се смета и за еден од најмалку истражените и разбрани делови на мозокот.