Идејата за контрола на предмети со користење на нашиот ум, изгледа како сцена од научнофантастичен филм, но таа всушност и не е толку недостижна.
Во минатото сме виделе како со помош на мислите, луѓето може да контролираат уреди како што се инвалидски колички, поради што употребата на умот за контрола на телевизори и не изгледа толку невозможно. Всушност, за време на конференцијата на програмери на Samsung, компанијата откри дека работи на софтвер кој потенцијално ќе им овозможи на корисниците да ги контролираат своите телевизори со помош на мозокот.
Според Samsung, работата на овој проект е започната пред три месеци во партнерство со EPFL Центарот во Швајцарија, со идеја да им овозможи на оние со одредени пречки во развојот да ги контролираат своите уреди.
Според Ричард Чаваријага, научник во EPFL Центарот, кој исто така работи на проектот, станува збор за технологија која е сложена и интелигентна, односно токму каква што треба да биде со оглед дека е наменета за да се поврзе со луѓето.