Водата на Земјата може да потекнува од астероиден материјал и од гасот што останал по формирањето на Сонцето, се вели во едно ново истражување, пишува Science Daily. Овие наоди можат да дадат важни сознанија за развојот на другите планети и нивниот потенцијал за развој на живот.
Во студијата објавена во “Journal of Geophysical Research: Planets’, истражувачите предлагаат нова теорија за решавање на долгогодишната мистерија околу тоа од каде потекнува водата и како таа се нашла на Земјата.
Новата студија ги предизвикува прифатените идеи за водородот во водата на Земјата, преку тоа што претпоставува дека елементот делумно би можел да потекнува од облаците од прашина и гас што останале по формирањето на Сонцето, наречени сончеви маглини.
За да ги идентификуваат изворите на вода на Земјата, научниците бараа извори на водород, а не кислород, бидејќи втората компонента на водата е многу почеста во Сончевиот систем.
Многу научници историски ја поддржуваат теоријата дека целата вода на Земјата доаѓа од астероиди, поради сличностите помеѓу океанската вода и водата што се наоѓаат на астероидите. Односот на деутериумот, потежок водороден изотоп, кон нормалниот водород служи како уникатен хемиски потпис на изворот на вода. Во случајот на океаните на Земјата, соодносот деутериум-водород е блиску до оној што се наоѓа во астероидите, додава Science Daily.
Поврзани артикли