Извршниот директор на компанијата „Амазон“ и најбогат човек во светот, Џеф Безос, за два дена загуби 19,2 милијарди долари, кога акциите на неговата компанија падна 14 отсто.
Ова е најголемата регистрирана загуба во рок од два дена, со што Безос го урна неодамнешниот рекорд на шефот на Фејсбук, Марк Цукерберг, кој во јули загуби импресивни 16,5 милијарди долари, откако неговата компанија не успеа да одговори на очекувањата на пазарот.
И покрај големата финансиска загуба, Безос и натаму е прв на листата на најбогатите луѓе во светот, со нето-богатство од 133 милијарди долари, што е за 40 отсто повеќе во однос на второпласираниот Бил Гејтс, чие богатство се проценува на 94,2 милијарди долари.
Една од причините за ваквото неприкосновено водство на Безос е што, за разлика од Гејтс, тој нема многу донации во добротворни цели. Гејтс донираше околу 35,8 милијарди долари во неговата добротворна фондација, што е 27 проценти од неговото лично богатство.
Безос од неодамна влезе во хуманитарните води и во септември објави дека формира добротворен фонд во вредност од две милијарди долари за претшколски установи во заедницитe со низок приход на жителите, како и за помош на бездомниците.
Поврзани артикли