Се ближи 15. ноември кога започнува законската обврска за зимски гуми, што често значи и менување на фелните
Возачите во зимскиот период обично избираат челични фелни, но има и такви на кои естетиката им е важен фактор, па ни во зима не се откажуваат од алуминиумските фелни.
Интересен тест за разликата помеѓу овие два типа на фелни е направен од тимот на финскиот YouTube канал – Hydraulic Press Channel.
Овој пат под хидраулична преса се нашле алуминиумска и челична фелна, со цел да се утврди која е поцврста и пред се како и двете се однесуваат под оптоварување.
И додека алуминиумската фелна е во состојба да издржи поголема сила од челичната, истата потполно различно реагира кога ќе се премине прагот на толеранција.
Додека челичната само се свиткува, алуминиумската пука, па токму затоа челичните фелни се подобра опција за зимски услови на возење кога помали незгоди се почести.
Резултатите од анализата не се неочекувани, но интересно е да се види како во исти услови се однесуваат различни материјали. Се разбира, голем дел од ударите ги презема гумата, па затоа е многу важен изборот, квалитетот, староста и притисокот во гумите.