LG V40 ThinQ од задната страна има три камери и уште две од предната страна за селфи фотографии.
Јужнокорејската компанија LG синоќа го објави новиот смартфон од V линијата на паметни телефони. Во претходниот период се појавуваа разни гласини за техничките податоци, но сега го имаме и конечниот производ.
LG V40 ThinQ има екран со дијагонала од 6.4 инчи и резолуција од 3120×1440 пиксели. Срцето на телефонот е процесорот Qualcomm Snapdragon 845, има работна меморија од 6GB и простор за складирање од 64GB. Сепак, телефонот ќе има и слот за MicroSD мемориска картичка.
LG V40 ThinQ е опремен дури со 5 камери, три на задната страна и две камери на предната страна. На предната страна едната камера е со резолуција од 8 мегапиксели, а другата со 5 мегапиксели. На задната страна трите камери се различни во скоро секој аспект. Две камери се со резолуција од 12 MP, но со различен агол на покривање, а третата е со резолуција од 16 MP.
Во делот за аудио можностите, LG V40 ThinQ ќе понуди конектор за слушалки, 32-bit Quad DAC, но и BoomBox звучник. Батеријата е со капацитет од 3300mAh и не може да се извади од уредот, а нуди можност за брзо безжично полнење.
Смартфонот во САД ќе биде достапен веќе на 18. октомври, а цената ќе изнесува од 900 до 980 долари, зависно од кој оператор во САД ќе биде набавен. Како бонус, LG подарува DJI Osmo Mobile 2 стабилизатор и мемориска картичка со капацитет од 256GB.