Во Канада се одржа првата конференција за Земјата како рамна плоча (ВИДЕО)

Канада беше домаќин на првата конференција на која стана збор за Земјата како рамна плоча. По тој повод, многу членови на заедницата на „рамноземјани“ се собраа за да ги слушнат во живо презентациите на своите најпознати теоретичари, или едноставно само за да бидат во можност да разговараат едни со други за своите верувања и мислења, пренесува новинарот Мек Ламорекс за „Вајс“.

Над 200 луѓе седеле и разговарале за разни теми кои се однесуваат на Земјата како рамна плоча.

„Повеќето од нив беа средновечни белци, но имаше и неколку исклучоци“, објаснува новинарот.

„Во суштина тие изгледаат како просечни луѓе од вашето секојдневие, а не како ексцентрици какви што можеби очекувате на средба од ваков вид. Покрај задоволството од средбата во живо со најголемите јутјуб ѕвезди кои ја промовираат ваквата теорија, кај повеќето учесници може да се забележи и олеснување што можат слободно да зборуваат за својата омилена тема без некој да им се потсмева за тоа“, се наведува во извештајот на Ламорекс.

За време на предавањата биле презенитрани различни аргументи зошто Земјата е рамна, а секој говорник си имал засебна теорија за тоа.

Некои идеи се општоприфатени во заедницата на „рамноземјани“, како што е онаа дека Земјата е тркалезен диск со Северниот Пол во центарот на истиот, додека мразот на Антарктикот се протега по рабовите и ја задржува целовитоста. Некои членови пак се приврзаници на поневеројатни теории од типот дека Бог ги поставил планетите и ѕвездите на свод во форма на купола за да бидат еден вид украси за луѓето.

Некои говорници на конференцијата ја базирале својата теорија на библиската доктрина за Земјата како рамна плоча. Тие во своите говори вметнувале научен жаргон, но во повеќето случаи нивните говори звучеле како проповеди.

Иако медиумите честопати се гледаат како противници на теоријата за Земјата како рамна плоча, кои само ја исмеваат заедницата, луѓето на конференцијата биле подготвени да дадат изјави, информира репортерот на „Вајс“. Тој вели дека често ја слушал фразата „подобро лоши медиуми, отколку никави медиуми“.

Ламорекс за време на конвенцијата разговарал со еден човек кој му кажал дека жената го напуштила поради неговите убедувања, друг човек станал „рамноземјанин“ по разводот, а трет учесник бил таму бидејќи бил привлечен од многуте јутјуб видеа кои ги гледал на таа тема.