Honor оваа година на IFA се појави со изненадување, односно сподели информации за новиот Magic 2 смартфон, следбеник на Magic смартфонот од 2016 година.
Најголемата надградба на новиот Magic 2 е новата функција Magic Slide која ја крие камерата под слајдер овозможувајќи екран кој се протега на целата предна страна без никакви засеци, слично на лизгачкиот Oppo Find X смартфон кој излезе порано оваа година. Според Honor, новиот дизајн поседува приближно 100 процентен сооднос помеѓу телото и екранот, иако ова треба да се докаже со неговото официјално претставување бидејќи на IFA конференција беше претставен само прототип и слика, па така тешко е да се заклучи како овој смартфон навистина би изгледал.
Од она што беше покажано, се работи за навистина интересен дизајн на смартфон кој што нема никакви рабови ниту засек, но сепак ќе треба да се почека додека Honor официјално го претстави овој телефон за да може да се заклучи со сигурност за каков уред станува збор.
Magic 2 исто така ќе го има и новиот процесор на Huawei (кој се уште не е претставен) Kirin 980, кој најверојатно претставува следбеник на актуелниот Kirin 970 чипсет вграден во телефони како P20 Pro.
Според Forbes, претседателот на Honor George Zhao во интервју потврди дека Magic 2 ќе биде претставен за два месеци, но компанијата сакала да го открие порано бидејќи одредена ривалска компанија слушнала за дизајнот и планирала сличен телефон. Неколку часови откако Magic 2 беше откриен, Лин Бин, претседателот на Xiaomi, објави рендер од најновиот телефон на компанијата Mi Mix 3 кој е опремен со исто таква лизгачка камера, што му дава право за загриженост првиот човек на Honor.