Германската влада претстави проект за почист воздух во градовите, кој вклучува подобар јавен транспорт, објави неделава Министерството за сообраќај и врски.
Во проектот се вклучени пет градови: Есен, Бон, Минхен, Ројтлинген и Херенберг во кои ќе се испита колку подобрувањето на јавниот транспорт влијае на намалување на загадувањето на воздухот. Овие пет градови ќе поделат 130 милиони евра предвидени за подобрување на мрежата на јавен превоз, зголемување на возниот парк, нови велосипедски стази и други мерки кои би го зголемиле бројот на лица кои користат јавен превоз и ќе го намалт сообраќајот и емисијата на штетни гасови.
Бон, меѓу другото, планира да воведе годишни карти за јавен превоз по цена од 365 евра, односно едно евро на ден. “Овој проект ќе ни овозможи да откриеме кои мерки навистина влијаат на намалување на загадувањето на воздухот“, рече градоначалникот на Бон, Ашок Шрихаран.
Европската Комисија и се закани на Германија со тужба пред Европскиот Суд ако не преземе мерки за намалување на загадувањето во градовите. На таканаречениот “дизел самит“ на почетокот на годината германската влада одлучи, заедно со автомобилската индустрија, да вложи милијарда евра во проект за намалување на загадувањето.
Сепак, германската влада и автомобилската индустрија се уште се разидуваат по прашањето за забрана на старите дизел возила во некои од германските градови. Додека автомобилската индустрија инсистира на промена на софтверот во моторите, германската влада се залага за механички промени на дизелашите кои не го задоволуваат највисокиот Еуро 6 стандард, што за индустријата е неприфатливо поради високите трошоци.