Веќе некое време, Samsung работи на паметен звучник, кој го интегрира виртуелниот асистент на Bixby, а во рамките на премиерата на Galaxy Note 9 одлучи да ни даде прв поглед. Уредот се вика Galaxy Home и треба да биде конкурент на Apple HomePod, Google Home и Amazon Echo. Гаџетот има интересен овален дизајн и е поставен на три метални нозе и AKG се грижи за квалитетот на звукот.
Се работи за аудио единица, што реагира на звучни команди и може да го распоредува звукот различно во просторијата, во зависност од бројот на луѓе во неа, како и во зависност од нивното движење. Новиот уред Galaxy Home стои на три алуминиумски нозе, а во себе има вграден бафер и радијално распоредени звучници што продуцираат средни и високи тонови. Звучникот многу наликува на уредот HomePod што веќе го има конкурентот Apple.
За разлика од звучникот на Apple во кој „паметниот“ гласовен асистент е Siri, кај уредот на Samsung тоа ќе биде Bixby. Galaxy Home ќе се активира со повикувачката команда „Hi Bixby“. Очекувањата се уредот освен музика, да споделува и бројни корисни онлајн информации со корисниците.
Присутните на промоцијата во Бруклин можеа во живо да видат како ќе изгледаат паметните звучници, но и да слушнат колку се моќни. Засега нема најави кога уредот ќе биде пуштен во продажба, по која цена и во колкава бројка. Претпоставките се дека тоа ќе биде пред есенскиот празничен период во САД.
Како што се подразбира, корисниците можат да управуваат со уредот со гласовни команди кои се прифаќаат од вградените 8 микрофони со технологија за снимање на глас на подолго растојание. Уредот исто така може да го насочи звукот во правец на корисникот.
Подоцна, ќе биде можно да се слуша музиката од Spotify како дел од партнерството на Samsung со шведската компанија. Засега не е јасно кога Galaxy Home ќе стигне до пазарот и по која цена, но Samsung ветува нови вести на својата конференција за инвеститори во Сан Франциско во почетокот на ноември.