Ако сте навистина опседнати со правењето селфи фотографии, тогаш селфи-стикот веројатно нема да ви биде доволен, туку ви треба нешто понапредно – а тоа е „ЕрСелфи 2“ (AirSelfie 2). Уредот претставува мало беспилотно летало (дрон) со џебни димензии, придвижуван од четири минијатурни перки.
На куќиштето, тој носи 12-мегапикселна камера со 85 степении агол на гледање за слики и видео во Full HD резолуција, а батеријата со капацитет од 400 милиампер часови му овозможува до пет минути лет.
Во куќиштето има уште 16 гигабајти вградена меморија, што е доволно за неколку фотосесии. Опсегот на далечинското управување преку апликација за Android и iOS е околу 18 метри. Сето ова е сместено во уред со тежина помал од 85 грама и со големина на обичен паметен телефон.
AirSelfie 2 е конструиран од алуминиум и се продава во црна, сребрена, златна и розово-златна боја – што значи дека најверојатно можете да го купите во иста боја како вашиот телефон.
Цената на уредот е околу 200 долари.