Телото на синиот кит беше пронајдено на брегот на Јапонија, што е прв пат овој редок вид да се види во оваа земја, велат експертите.
Телото на животното беше откриено на плажа во градот Камакура, кој се наоѓа на околу 70 километри јужно од Токио.
Синиот кит е најголемото животно во светот, може да достигне големина до 30 метри, како и тежина од околу 170 тони.
Причината за смртта на пронајдениот син кит не е позната. Неговите остатоци ќе ги проучуваат експерти, поради што се поставени шатори на плажата на Камакура.
Станува збор за 10 метри долг мажјак кој е роден оваа година, изјави за јапонските медиуми експерт од Националниот музеј за наука и природа.
Поради долгогодишниот комерцијален лов, сините китови се речиси изумрени видови денес.
Од Светскиот фонд за природа (WWF) велат дека поради климатските промени и удирањето на бродовите синиот кит продолжува да биде загрозен вид.
Во текот на летните месеци овој цицач најчесто може да се види во близина на Антарктикот.
Јапонија сè уште има флота за лов на китови, но инсистира на тоа дека нивниот лов е само за научни цели.
Во мај, јапонските ловци фатиле и убиле 122 женки китови кои носат младенчиња. Како што велат, тоа било дел од теренските истражувања.
Извор: Макфакс
Поврзани артикли