Европската комисија ги казни Philips, Pioneer, Asus и Denon & Marantz со вкупно 111,2 милиони евра заради договарање цени во онлајн продажбата, соопштија од Брисел, а пренесува TheNextWeb.
Во февруари минатата година Европската комисија започна истрага за овие четири компании во рамките на евентуално ограничување на прекуграничната онлајн продажба, какви што се рестриктивните понуди врз основа на локацијата на клиентот или неговата националност.
Во соопштението од ЕК се наведува дека четирите компании учествувале во “одржување на фиксни или минимални продажни цени“, ограничувајќи ги на тој начин нивните интернет продавници за да ги утврдат своите малопродажни цени на електронииката за широка потрошувачка, какви што се кујнски апарати, лаптопи и hi-fi производи.
Одлуката на Европската комисија за казнување на овие европски компании доаѓа откако минатата недела рекордно го казни американскиот интернет гигант Google со 4,3 милијарди евра поради незаконско ограничување на мобилните уреди коишто имаат Android оперативен систем.