Во локалитетот Стоби активиран е првиот аудио-водич за археолошки локалитет во Република Македонија, изработен во соработка со софтверската компанија G6 Solutions од Скопје.
Аудио-водичот има за цел да му помогне на секој посетител на интерактивен и автентичен начин да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби.
„Археолошкиот локалитет Стоби е едена од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, од сега, ќе може да се користи и мобилната апликација Stobi audio guide, која е достапна за Андроид и IOS оперативни системи, на македонски и англиски јазик“, информираат од Националната установа Стоби.
Оттаму додаваат дека апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив.
Посетителите ќе може да ја преземат апликацијата и на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден слободен интернет пристап.
Автори на текстовите за водичот се дел од вработените во НУ Стоби: Димитар Николовски, Мишко Тутковски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска. Преводот на англиски е на Димитар Николовски, а за лектурата на англиски јазик се погрижила Керолин Снајвли. Наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а на англиски, Димитар Николовски.