Македонија се наоѓа на 68-то место во светот според брзината на широкопојасниот интернет во конкуренција на 200 држави, што е пад од 9 места во споредба со рангирањето во 2017 година. Со просечна брзина од 8,82 мегабити во секунда (Mbps), земјава се наоѓа зад повеќето држави од регионов во најновата анализа која ја изработува британскиот сајт за споредба на телекомуникациски услуги Cable.co.uk (клик)
Во споредба со земјите од окружувањето, Македонија има побавен широкопојасен интернет од Словенија (28), Бугарија (31), Хрватска (42), Србија (50), Косово (53) и Грција (57 место), додека интернетот е побрз во споредба со Босна и Херцеговина (71 место), Црна Гора (74) и Албанија (86).
Освен просечната брзина на широкопојасниот интернет, во анализата сликовито е презентирано и просечното време потребно за преземање филм со висока резолуција (HD) од 5 гигабајти за секоја држава. Додека во Македонија за тоа просечно се потребни 1 час 17 минути и 24 секунди, во Сингапур, кој е водечки на листата, филмот се презема за 11 минути и 18 секудни.
Покрај Сингапур, на првите пет места на земји со најбрз широкопојасен интернет во светот се наоѓаат и Шведска, Данска, Норвешка и Романија.
Најбавен интернет има Јемен, каде за преземање на еден HD филм се потребни скоро 37 часа. Во најлошите пет држави според брзината на интернетот се наоѓаат и Источен Тимор, Туркменистан, Сомалија и Гвинеја.
Анализата е спроведена во текот на 12 месеци до 29-ти мај и покажува дека 36 од првите 50 држави според брзината на интернетот се лоцирани во Европа, 9 од нив се од Азија и Пацификот, две од Северна Америка, две од Јужна и Средна Америка и една од Африка.