Тајванскиот производител на паметни телефони HTC соопшти дека приходите од продажбата во јуни опаднаа за скоро 68 отсто – најголем пад по повеќе од две години. Сето ова нагласува дека компанијата продолжува да губи корисници, во услови на зголемена конкуренција, објави „Ројтерс“.
Некогаш омилената компанија за потрошувачите и инвеститорите, HTC изгуби позиции со појавата на играчи, како Apple, Samsung, а подоцна и Xiaomi.
HTC објави дека нејзините приходи од продажбата за јуни се намалил на 2,2 милијарди тајвански долари (72 милиони долари) од 6,9 милијарди тајвански долари една година порано, и 2,45 милијарди тајвански долари во мај.
„Во високата класа продажбата на нивниот предводник оваа година е побавна од очекуваното, што доведува до помал пазарен удел“, коментира аналитичарот од компанијата за истражување на пазарот Trendforce, кој претпочита да остане анонимен.
Според него, во другите сегменти, уредите на компанијата не нудат нови спецификации за да привлечат потрошувачи и на тој начин да влијаат на продажбата.
Trendforce очекува HTC да пушта нови модели во поголеми интервали во оваа година, а проценува дека производствениот обем за 2018-та година е под 2 милиони примероци.
Минатата недела HTC најави дека планира да отпушти околу една четвртина од работната сила во глобални рамки, или 1.500 места, а главно ќе бидат погодени вработените во нејзината фабрика во Тајван.
Акциите на HTC ја намалија својата вредност за речиси 30 отсто од почетокот на годината.