Компанијата Samsung ги истражува поплаките дека нивните апликации за праќање текстуални пораки на Galaxy S8 и S9 смартфоните испраќаат фотографии до контакти по случаен избор без дозвола за тоа.
Корисници пријавиле вакви чудни однесувања на телефоните на форумите за корисничка поддршка на Samsung и на платформата Reddit. Апликацијата за пораки на Samsung не покажува никаков знак дека се испраќаат фотографии, а со самото тоа корисникот е целосно несвесен за тоа.
Иако сè уште не е јасно што го предизвикува ова праќање случајни пораки, корисниците на кои им се случило ова пријавиле дека добиле надградба на нивната апликација за текстуални пораки која овозможува Rich Communication Services (RCS). Оваа услуга е долго очекуваната замена за СМС пораките која додава модерни услуги како праќање слики, дополнителни симболи при пишувањето и потврда за прочитана порака.
Samsung издаде соопштение во врска со споменатиот проблем:
“Внимателно ги проверивме наодите во изминатите неколку денови, меѓутоа, не се пронајдени ниту хардверски, ниту софтверски недостатоци кои може да бидат релевантни за овој поединечен случај. Иако досега не се регистрирани слични забелешки од корисници на глобално ниво, ќе продолжиме и понатаму да ја истражуваме оваа ситуација. Ги охрабруваме сите корисници кои имаат некакво прашање директно да го контактираат нашиот Центар за Поддршка на Корисници со јавување на телефонскиот број 02 3 207 777.“
Поврзани артикли