Естонија сепак нема да има своја криптовалута, барем не таква што би можела да плаќа производи и услуги. Балтичката земја ги отфрли плановите за дигитални токени.
Идејата за есткоин, виртуелна валута што жителите на Естонија можат да ја купуваат и да се троши за државни услуги, е запрена уште пред да заживее.
По критиките на локалните банки и острите пораки од шефот на Европската банка, Марио Драги, во Естонија одлучиле амбициозниот план да го сведат во пореални рамки.
– Ниту една земја-членка не може да воведе своја валута. Валута во еврозоната е еврото – изјави Драги во септември, со што ги уништи естонските соништа.
Естонија е една од највештите земји кога станува збор за технологијата во Источна Европа, и беше еден од предводниците за издавање на национална криптовалута.
Каспар Корјус вели дека ќе ја анализираат идејата за есткоин и нејзините потенцијални придобивки.
– Есткоинот ќе им помогне на е-жителите да обезбедат работа или совет, меѓутоа, дефинитивно нема да биде национална криптовалута – изјави тој.