Samsung Galaxy S серијата доби нова итерација. Дали се работи за само „уште едно” годишно освежување, или пак за модел кој донесува некои значајни подобрувања.
НИКОЛА БУРАГЕВ
Доколку само загребете по површината, веројатно би останале на првата констатација. Но, ние сме тука да навлеземе под површината и токму поради тоа можеме да заклучиме дека новите S9 i S9+ модели донесоа низа одлични унапредувања и дека ги претставуваат најдобрите и најкомплетни Galaxy телефони досега.
Samsung Galaxy S серијата е флегшип не само на компанијата Samsung, туку на целиот Android свет. Поради тоа е целосно природно секоја година, а тоа обично е кон крајот на февруари и почетокот на март, планетарното внимание да биде насочено кон Барселона и претставувањето на новиот топ модел на Galaxy. Така беше и оваа година, а USB.mk беше на лице место и можевте во реално време од Барселона да се уверите како тоа изгледа и да ги слушнете нашите иницијални впечатоци.
Дизајн и изработка
Освен самите смартфони, во пакувањата затекнавме USB-C кабел, SIM игличка, полнач со поддршка за брзо полнење, но и AKG слушалки, кои се поврзуваат на 3,5-милиметарскиот аудио приклучок. Тука не е крајот, бидејќи пронаоѓаме и неколку резервни / алтернативни завршетоци за слушалките, за да ги прилагодите на обликот и димензиите на своите ушни школки, но и USB OTG адаптер. Се на се, со пропратниот пакет сме и повеќе од задоволни.
Ги вадиме телефоните и доаѓаме до сознание дека и покрај некоја ситна разлика, се практично идентични како S8 и S8+. Дали тоа пречи? Искрени да бидеме, дизајнот и натаму е фантастичен и навистина не гледаме некој посебен проблем во тоа што нема некои побитни промени. Од друга страна, телефонот плени на многу начини. Од предната и задната страна е изработен од Gorilla Glass 5 стакло, а алуминумската рамка измеѓу му дава цврстина и отпорност на смартфонот, но и фантастичен впечаток за квалитетот на изработката.
Држењето во рака е извонредно, телефоните и покрај зголемените габарити, лесно се држат во рака, бидејќи го задржуваат односот на страници од 18.5:9, што е дефинитивен тренд кој S8 го востанови во светот на денешните смартфони и мило ни е што овој тренд го прифатија и другите производители. Воопшто, целокупниот впечаток за квалитетот на изработка е врвен. Дека не се работи само за впечаток го потврдува и IP68 сертификатот и отпорноста на вода и прскање, прав, нечистотија и механички удари.
Најпосле, веројатно најголемата промена во смисол на дизајнот е поместувањето на сензорите за отпечатоци од прсти. На предната страна и онака немаше физички копчиња, а сензорот сега е сместен одзади и позициониран под камерата (или камерите, во случајот на S9+). Колку е ова важно, ви оставаме да процените. Од една страна, тоа делува како најлогично место. Од друга страна, се нарушува интегритетот на задната страна, доколку користите ремен за носење, бидејќи тука сега мора да има дупка, исто така се поставува прашањето колку всушност овој сензор е битен, бидејќи телефонот има многу други опции за безбедност, вклучувајќи го и скенерот на зеницата и окото и препознавање на лицето.
Екран
Samsung одамна е недопирлив кога е во прашање квалитетот на екранот. Уште на Galaxy S8 тешко беше да се вложи било каков приговор – всушност и го немаше, а го нема ни овојпат. Наводно максималната светлост е уште поголема, но во реалната употреба нема да забележите некоја разлика. Приказот на боите и живописен и контрастен, а поради закривеноста и општиот квалитет често делува како иконите да лебдат на површината – како да се залепени. Тешко е да се објасни тоа, без самите да погледнете.
Екраните се SuperAMOLED, со дијагонала од 5,8-инчи кај S9 (резолуција 1440 x 2960 пиксели) и 6,2-инчи кај S9+. Тоа значи дека густината на пиксели изнесува околу 570 ppi. Доволно густина никогаш да не ги видите пикселите, освен секако ако планирате да ги користите за VR. Ситуацијата околу реозлуцијата е иста како и минатата година – можно е да се избира помеѓу HD+, FullHD+ i QuadHD+, а стандардно е вклучен FullHD+ заради заштеда на енергија. Поддржани се некои фенси работи како што е HDR 10, а во делот каде што се наоѓа софтверското home копче, екранот е осетлив на јачината на допир. На тој начин можете да го разбудите уредот или да се вратите на почетниот екран, без оглед на тоа каде се наоѓате. Можеби звучи како рецепт за катастрофа поради потенцијалните случајни допири, но треба да се признае дека тоа не се случува.
Не може да се зборува за екраните на Samsung, а да не се спомене Always ON функционалноста. Единствената негативна страна на Always On екранот е малку поголемата потрошувачка на батеријата – отприлика 1 процент по час, но земајќи ја во предвид функционалноста, би рекле дека тоа е сосема прифатливо.
Хардвер
По традиција, Samsung своите топ модели ги опремува со врвен хардвер и компоненти. Секако, ни S9 и S9+ не се никаков исклучок по ова прашање, бидејќи е исклучително важно флегшип моделот да остави најдобар можен впечаток. Во однос на претходната генерација, освен новиот чип кој ги покренува двата телефона, имаме и зголемување на количината на системската меморија кај Plus моделот од 4 GB на 6 GB. Еве ги егзактните спецификации на двата модела.
Galaxy S9 и S9+ го користат идентичниот Exynos 9810 Octa чипсет. Се работи за многу моќен процесор кој обезбедува врвни перформанси, па така на Antutu тестот ја престигнуваме и бројката од 250 илјади бодови! Четирите негови јадра работат до 2.7 GHz, обезбедувајќи врвни перформанси, а четирите штедливи работат до 1,7 Ghz. Тоа е искомбинирано со Mali-G72 MP18 графиката, која е во состојба да работи на тактови до 850 MHz. Подеднакво битно е што графиката донесува нови оптимизации по прашањето на енергетската ефикасност.
Еве ги резултатите кои телефоните ги постигнуваат во најпопуларните апликации за тестирање. Бидејќи имаат ист хардвер и постигнуваат идентичен скор, нема потреба да ги дуплираме за секој телефон посебно.
Како што веќе рековме, количеството на меморија е во принцип и повеќе од доволно, посебно во S9+ варијантата, каде што имаме 6 GB RAM. Стандардниот S9 донесува 4 GB RAM. Да бидеме искрени, мислиме дека и тоа е повеќе од доволно, иако сега кога и повеќекратно поевтините телефони пристигнуваат со по 4 GB RAM, сфаќаме дека тоа не е некоја посебна причина за воодушевување. Во секој случај, сосема е доволно за денешните системи, посебно бидејќи тенденцијата е дека се оди на намалување на оптоварувањето и заземањето на меморија.
Просторот за складирање изнесува 64 GB во двата случаја. Повторно, не е некоја импресивна цифра, но во случај на потреба може лесно да се прошири преку microSD слот кој прима картички со максимален капацитет до 256 GB. Само внимавјте да не ви затреба друга SIM картичка во таква ситуација…
Софтвер
Новите телефони, како што доликува, пристигнуваат со свежа итерација на оперативниот систем. Имено, Samsung ги испорачува со верзијата Android 8.0 Oreo. Корисничкиот интерфејс е извонредно респонсивен и на мислење сме дека нема што да му се замери. Не, Samsung Experience 9.0 кој го прекрива Android 8.0 е еден од најобемните скинови што можете да ги пронајдете во светот на Android.
Кога е најавена оваа нова верзија, се појавија наводи дека работи пофлуидно од чистиот Android на Pixel телефонитѕе. Значи, има некои податоци кои тоа и го потврдуваат, но „чувството” и натаму е поинакво. Софтверот на Samsung е брз како молња, но и натаму некогаш ќе се случи лесно прескокнување на анимацијата кога се преоѓа во Bixby панелот. Разните тестови на бзрината дури и покажуваат дека Galaxy S9 е нешто најбрзо што моментно можете да го пронајдете или е толку блиску што разликата е занемарлива. Поентата на сето ова е дека повеќе не треба да се обѕирате на оние приказни дека софтверот на Samsung е бавен. Во овој момент дефинитивно не делува така.
Генералниот принцип воведен со минатата генерација телефони и софтверското решение и натаму е тука. На дното на екранот нема физички копчиња, туку тие се софтверски. Исто така, важно е да се каже дека е можно да се прилагодуваат, односно да се менува контролната шема да биде како кај класичните Android телефони. Во главното мени и од него влегувате и излегувате со повлекување нагоре, се делува многу затегнато и одлично. На располагање се огромен број теми и опции со кои можете да го прилагодувате изгледот на својот телефон, а анимациите се фантастични и навистина е вистинско задоволство да се употребува ваков телефон, посебно во комбинација со Super AMOLED екран.
Дигиталниот асистент Bixby и натаму е присутен, со своето посебно копче на левата страна на телефонот. Исто така, може да му се пристапи со повлекување на прстот надесно од главниот почетен екран. Гласовните асистенти се многу популарни, посебно на поголемите пазари, каде што постои повисок степен на дигитализација на сите активности, па поради тоа се и многу корисни и доста релевантни. Bixby истовремено поседува способност за „машинско учење” и учествува во разните функции на мобилните телефони, вклучувајќи ја и камерата.
Батерија
Батеријата на двата телефона овозможува повеќедневна работа за најголем број од корисниците. Веќе S9 со своите 3000 милиамперчасови е сосема доволен да не бара по секоја цена да го приклучувате уредот на полнач. Поголемиот S9+ со 3500 милиампречасови е уште подобар по тоа прашање. Во двата случаја, автономијата е одлична – не е шампионска, но секако Samsung е мајстор на хардверските и софтверските оптимизации по прашање на батеријата. Не се сеќаваме дека некој се жалел на батеријата, без оглед на класата на телефонот, што е вредно за пофалба.
Се на се, нашето мислење и искуство говорат дека лесно ќе постигнете два дена, можеби и три дена користење. Секако, доколку сте човек кој баш по цел ден го употребува телефонот, тоа може да биде пократко, но тоа зависи од вашите навики. Добра работа е што теелфоните пристигнуваат со поддршка за брзо полнење, било да е жично или безжично, додека брзиот безжичен полнач морате одвоено да го докупите.
AR Emoji
Samsung многу полага во овозможување на корисниците да создаваат и едитираат разни забавни содржини самостојно. Уште на Note 8 имавме можност во креирање на разновидни Gif-ови и анимации. Ситуацијата сега е подигната на ново ниво, бидејќи Samsung им овозможи на корисниците да креираат емотикони кои изгледаат, звучат и делуваат како нив. AR Emoji користи алгоритам на машинско учење кој креира 3D модел за одразување и имитирање на изразите како намигнување и климнување со глава, насмевнување и слично, и исцртува преку 100 изрази на лицето, а овие изрази ги учи од самиот корисник.
На тој начин, AR Emoji ги дели вистинските чувства на корисникот не само во видео, туку корисниците вака можат да ги споделат своите емоции на поголем дел од другите платформи за размена на пораки.
Камери
Пристигнуваме до делот кај кој разликата помеѓу двата телефона веројатно е најзабележителна. Поаѓаме од стандардно добриот камера софтвер на Samsung, исполнет со многу опции. Можеби и пренатрпан, бидејќи навистина лесно успеававме да активираме опција која не ја посакувавме или да преминеме во друг режим на снимање, иако тоа не ни беше намерата, бидејќи за тоа е доволно само благо движење на прстот во левата или десната страна. Имаме разни филтри, специфични режими на фотографирање и снимање, а пристапот до сите опции е едноставен и брз. Се на се лесно ќе успеете да го пронајдете она што ви е потребно. Тука се новите режими на снимање, тука е Pro режимот на фотографија, значи – се што е значајно и потребно.
Слично како и во претходната генерација, помалиот S9 пристигнува со еден сензор од 12 мегапиксели одзади, додека поголемиот S9+ има два сензора од 12 мегапиксела. Пред техничките детали, да кажеме дека Samsung го осмисли системот со двојна бленда кој се прилагодува како човечкото око во условите на осветлување. Тоа значи дека автоматски се менува во согласност со осветлувањето, теоретски пружајќи најдобри можни фотографии и во светло и во темнина. Двојната бленда ги поддржува режимите f/1.5 и f/2.4. Кога е мрак, леќата се отвора до f/1.5 за да пропушти светлост за светла и јасна фотографија, додека на дневна светлина леќата се префрла на режимот f/2.4, за да помогне фотографијата да изгледа остро.
Фотографија од Samsung Galaxy S9
Фотографија од Samsung Galaxy S9+
Заедничките карактеристики се LED блицови, присуство на Dual Pixel Phase Detection автофокус со полневито фокусирање, системот на оптичка стабилизација, големина на пикселите од 1.4 микрометри. Поголемиот модел на наведениот сензор му придружува еден од 12 мегапиксели со отвор на блендата од f/2.4 и големина на пикселите од еден микрометар. Благодарение на него, во состојба е да пружи и некои специфични режими на снимање.
Заклучок
Galaxy S8 беше фантастичен телефон, но со неколку помали недостатоци. Galaxy S9 толку добро ги исправа овие недостатоци што не преостанува ништо друго туку да се ситничари. Моите “ситници” се средната батерија и лошиот бокех ефект на задната камера, што е исправено ако го изберете S9 Plus моделот.
Ако барате паметен телефон кој ќе ви даде најмногу што модерната технологија моментно може да понуди, тогаш Galaxy S9 е буквално “no brainer”. Било која друга опција значи некој компромис – или останувате без 3.5 милиметарски влез за слушалки, или морате да се помирите со полош екран, послаба камера, дизајн со засек во дисплејот, недостаток на сензор за отчукување на срцето и така натаму.