Avast, компанијата за безбедносен софтвер, пронајде 26 апликации во Google Play Store кои содржат реклами, кои водат кон малициозни софтвери, објави „Софтпедија’. Апликациите се објавуваат во различни категории, при што некои од нив имаат неколку илјади симнувања.
Откако ќе се инсталираат и стартуваат на уред со Android, тие ја отстрануваат иконата што води кон нив од главниот екран. Ова го отежнува бришењето и откривањето која апликација предизвикува проблеми.
Потоа почнуваат да се прикажуваат реклами дури и на екранот за заклучување, додека собираат информации од уредите (верзијата на ОС, ID на уредот итн.). Информациите се испраќаат до оддалечен сервер, а понекогаш и линк се појавува за да се преземат дополнителни програми.
Google веќе ги отстрани апликациите за кои станува збор од Google Play Store, но корисниците кои веќе ги инсталирале треба рачно да ги избришат од нивните уреди.