Од небо почнаа да паѓаат популарните „Стоби флипс“ на прилепска „Витаминка“, во новото рекламно видео за популарниот и познат македонски бренд. Рекламата е направена по повод 40 години од првото произведено пакетче „Стоби флипс“.
„Приказната започна во Прилеп во далечната 1978 година и уште веднаш ја освои Македонија и целиот регион. Тргна на поход кон светот, а неодамна ја освои и вселената. ‘Стоби флипс’ може да го најдете во продавница во Париз, во трафика во Квинс, во маркет во Мароко“, се вели во придружниот текст кон славеничкото видео.
За производот на „Витаминка“ се вели дека е неизоставен дел од детството на многу генерации, од секој пикник, детски роденден или дружба.
„Секоја идеја може да биде вредна и да даде резултати, доколку се работи на неа и се вложи во нејзината реализација. Тоа го потврдува денешниот статус на ‘Стоби флипс’, 40 години континуиран квалитет на најпрепознатливиот македонски бренд. ‘Стоби флипс’, носи голема вредност и за компанијата, затоа што со својата експанзија придонесе за растот на Витаминка. Сепак, најголемата вредност е значењето за потрошувачите што го има и довербата во брендот што постојано расте и се зголемува“, вели Сашо Наумоски, Генерален извршен директор на Витаминка.
Зад реализација на новото рекламно видео стои агенцијата „Дивижн“ (Division) од Скопје. Тие се вклучија во замислата и реализацијата и на експериментот во кој пакетче „Стоби флипс“ беше лансирано до стратосферата, на 36 километри над површината на Земјата.
Поврзани артикли