Како е да се живее во безбоен град, во кој луѓето се сиви и лути едни на други. Што треба да се направи за тој повторно да ги добие своите бои. Тимската работа и колективната грижа кон природата ќе го вратат шаренилото на градот.
Тоа се главните пораки што можат да се извлечат од новиот краток анимиран филм „Шарената куќа“ што беше објавен деновиве, а е во продукција на „Пет плус фамилија“.
Во анимираниот филм главен лик е девојче што има бујна фантазија и сопствените чувства ги опишува со бои, иако живее во град што одамна станал сив. Девојчето тргнува во потрага по т.н. Шарена куќа. Таму го наоѓа спасот за повторно градот да стане шарен.
Анимираниот филм на социјалните мрежи деновиве постигна големо внимание. Голем дел од коментарите се позитивни и се во насока дека е неопходна домашна анимирана продукција што ќе има едукативна улога за младите, но и за возрасните гледачи.
Автор на анимираниот филм „Шарената куќа“ е Билјана Крајчевска, аниматор е Диме Ѓорѓиевски, илустрацијата е на Катерина (Тери) Николовска, а зад гласовната нарација стои Александра Стојановска.
Филмот „Шарената куќа“ е објавен заедно со уште два куси анимирани креации што се исто така дел од прдукцијата на „Пет плус Фамилија“. Другите филмови се „Најдобро е да си свој“ и „Измисленото другарче“. Во нив исто така се вреднуваат пријателството, хуманоста и меѓусебното помагање.
Трите нови анимирани филмови се достапни на следниот линк.
ВИДЕО: Шарената куќа