Ако сакате да извлечете повеќе од потенцијалот на камерата на вашиот смартфон, а притоа вградената апликација не ви го овозможува тоа, ви предлагаме десет други апликации за „Андроид“ и „iOS“ што треба да ги испробате.
1. Camera+
Оваа апликација е меѓу најдобрите замени за изворната апликација на ајфонот. Ќе ви понуди мноштво моќни функции. Па така, на пример, со неа можете да ги разделите точката на фокусот и експозицијата, да ги вклучите Portrait и Macro како начини на работа… Тука се и алатките за обработка на фотографиите, повеќе филтри, поставката Clarity HDR и iCloud Sync, која автоматски ќе направи копија од фотографиите во компјутерскиот облак.
2. Camera ZOOM FX
Екипата што стои зад Camera ZOOM FX тврди дека оваа е најбрзата апликација за камера кај паметните телефони со оперативен систем „Андроид“. Апликацијата нуди начин за снимање повеќе фотографии еднаподруга во краток период (burst mode), посебно корисен за акциски снимки. Таа нуди и стабилизатор за фотографиите, можност за рачно поставување поставки, комбинирање различни режими на работа, RAW снимки, уредување фотографии…
3. Manual
Минималистички опремена апликација која нуди грст можности за рачно поставување поставки за камерата, како што се брзина на затворање на блендата, ISO, балансирање на белата боја, фокусот и експозицијата.
4. Camera FV-5
Оваа апликација на корисниците на Андроид-уред ќе им понуди поставување поставки за рачно снимање фотографии како на DLSR камерите, а менито прикажува корисни EXIF податоци, како што се време на експозицијата, отвор на блендата и слично. Меѓу другото, меѓу функциите се и долгата експозиција за ноќно снимање и timelaps снимање, како можност за зачувување во различни формати (JPG, RAW, DNG, PNG).
5. Halide
Оваа апликација е дело на поранешен дизајнер во „Епл“ и развоен програмер во „Твитер“ и се фокусира на управување со гестовите. Со движење можете да ги промените поставките на експозицијата и рачно да го наместите фокусот. Нуди целосно автоматски начин на снимање, но можете и рачно да го промените ISO и балансот на белата боја.
6. VSCO Cam
VSCO Cam е уште една минималистичка апликација богата со функции. Овозможува едноставно снимање во начинот на работа RAW, рачно поставување на балансот на белата боја, ISO, експозиција, како и мрежи за полесна композиција. Со дополнителниот софтвер Studio ве чекаат филтри и можности за приспособување.
7. ProCam 5
Оваа е повеќенаменска апликација за камерите на iOS-уредите која ги содржи сите потребни нешта за вообичаено снимање, плус додатоци за ноќни и снимки во 3D. Поддржува снимање видео во висока резолуција до 4К UHD и timelaps, како и можност за уредување на фотографиите. Во Pro верзијата се содржани и совети како да снимите видеозаписи што ќе изгледаат професионално.
8. Camera MX
Camera MX има едноставен и прегледен интерфејс, кој е брз и ненаметлив. Меѓу другото, нуди и функција слична на Live Photos кај „iOS“. Можете да го паузирате снимањето видеа за да направите монтажа во реално време и да проверите како би изгледала снимката низ одредени филтри додека снимате.
9. ProShot
Оваа апликација го претвора „Андроидот“ или iOS-от во DSLR камера. На располагање се овие режими на работа: Auto, Program, Manual и два кои можете да ги наместите според сопствена желба. Во секој од тие режими можете да управувате со експозицијата, фокусот, балансот на белата боја… Снима во форматот RAW, како и видео до резолуција 4К, а секако треба да ја пробате и функцијата Light Painting.
10. Open Camera
Open Camera е апликација со отворен код за „Андроид“. Целосно е бесплатна и не нуди купувања во рамките на апликацијата, но затоа ви овозможува рачно да ги поставувате поставките, а ќе ви овозможи и автоматска стабилизација на фотографиите, далечинско и гласовно управување, водичи за сечење фотографии, поддршка за HDR…
Извор: Tportal.hr
Поврзани артикли