Најновите анализи покажаа дека Mercedes е највредниот автомобилски бренд на светот, но тоа не значи дека овој бренд има и најверни купувачи.
Според опсежното истражување што го спроведе американскиот портал за автомобили Edmunds, најлојални се купувачите на јапонски автомобилски брендови бидејќи кога купуваат нов автомобил се одлучуваат за понов модел на истиот јапонски бренд што веќе го имаат.
Истражувањето во кое беа опфатени 13,9 милиони возила купени во периодот од 2007 до 2017 година, покажа дека најлојални се купувачите на Toyota, Subaru и Honda.
Меѓу првите пет се и два американски автомобилски брендови – Ram и Chevrolet.
Резултатите покажуваат дека во 2017 година дури 63% од сопствениците на Toyota се одлучиле повторно да купат возило од истиот производител, а во случајот на Subaru за истиот бренд се одлучиле 61% од сопствениците на возила, додека кај Honda 60%.
Најмала „верност“ на брендот покажале сопствениците на возила од производителите на MINI, FIAT, Mitsubishi, Chrysler, Smart и Dodge.
Нов модел на Mitsubishi пак би купиле само 21% од старите сопственици, за Smart повторно би се одлучиле 19%, а за Chrysler само 16% претходни корисници на возила од овој бренд.
Кога станува збор за премиум брендови, и тука на врвот е еден јапонски автопроизводител. Најлојални купувачи се сопствениците на Lexus – 51% од актуелните сопственици на возило од овој бренд повторно би се одлучиле за него.
По него следат купувачите на Audi (47%) и на Land Rover (40%). Највредниот автомобилски бренд на светот Mercedes е на четврто место со 39%.