Ова се импресивните можности на автопилотот на Тесла (ВИДЕО)

Иако на сметка на технологиите на Тесла пристигнуваат бројни критики, сепак факт е дека автопилотот на оваа компанија ја претставува иднината на технологиите кога се во прашање автомобилите.

Напредната технологија, вештачката интелигенција и напредните сензори ја претставуваат иднината на автомобилската индустрија, но колку и да е напреден автопилотот на Тесла, сепак од компанијата на Елон Маск се уште не сакаат да ризикуваат и на своите купувачи им нагласуваат – рацете на волан, а концентрацијата на максимално ниво.

Автопилотот на Тесла првобитно беше претставен во 2015-та година, додека подоцна беше претставена и подобрена верзија. Новинарите на “Business Insider” ги издвоија некои од најимпресивните можности на автопилотот на Тесла кој што е јасно дека со текот на времето ќе стане уште побезбеден и пософистицирна.

Моделите на автомобили претставени после 2016-та година имаат осум камери со домет од 250 метри кои што покриваат видливост од 360 степени околу возилото, така што ништо не може да помине незабележано.

Покрај тоа, автомобилите се опремени со 12 ултразвучни сензори кои што можат да препознаваат објекти во близина, додека пак радарскиот систем овозможува управување со автомобилот и по лоши временски услови како магла, обилни дождови и слично.

Сите нови модели доаѓаат со хардвер кој што овозможува користење на напредниот автопилот, но за да се активира потребно е да се плати 5 илјади долари при купување на автомобилот или 6 илјади долари за дополнителна активација. Последната верзија на автопилотот може да ја контролира брзината на автомобилот според густината на сообраќајот, може да преминува во други ленти и самостојно да ги менува патиштата.

Додека оваа технологија е активирана и додека компјутерот управува со автомобилот, рацете на возачот мора да бидат на воланот, а доколку тие не се на воланот подолго време, автомобилот ќе застане.

Кога Тесла автомобилот ќе пристигне на дестинацијата, компјутерот може да побара слободно место и сам да го паркира автомобилот, односно ако станува збор за паркирање во гаража, возачот може да го напушти автомобилот и автопилотот сам ќе го смести возилото во гаражата.

Новите модели на Тесла веќе сега се опремени со хардвер потребен за целосно автономно возење, а ога тоа ќе биде овозможено (кога ќе бидат донесени потребните закони и ќе се надогради софтверот), компјутерот ќе биде барем двојно побезбеден возач во однос на луѓето – така барем тврди основачот на Тесла, Елон Маск.