Барак и Мишел Обама преговараат за тв-шоу на Netflix

Поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел преговарале со Netflix за шоу што  ќе биде пренесувано во живо преку интернет, објави денеска „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на луѓе кои се упатени во преговорите.

 

Според договорот, кој сè уште не е финален, Netflix ќе им плати на Барак и Мишел Обама за ексклузивното шоу, кое ќе биде достапно за речиси 118 милиони претплатници низ целиот свет. Сè уште не е одлучен бројот на епизодите како и форматот за емисии.

Обама нема намера да го користи шоуто за директно да одговори на претседателот Трамп или конзервативните критичари, рекле луѓето запознаени со дискусиите околу шоуто. Тие исто така рекле и дека Обама размислувал за емисии што ги истакнуваат инспиративните приказни.

Договорот со Netflix на Обама ќе му овозможи нефилтриран метод за комуникација со јавноста, сличен на публиката што веќе ја достигнува преку социјалните медиуми, со 101 милион следбеници на „Твитер“ и 55 милиони луѓе, на кои им се допаѓа неговата фејсбук-страница.