Кинескиот регулатор TENAA објави на својата веб-страница целосни информации за претстојниот модел Huawei P20 Lite, што треба да биде претставен на специјален настан на 27. март.
Уредот е регистриран во две варијанти: Huawei ANE-TLoo и Huawei ANE-AL00“. Од податоците на регулаторот се дознава дека смартфонот ќе има екран со дијагонала 5,84-инчи и резолуција 2280 х 1080 пиксели. Процесорот ќе биде со работна фреквенција од 2,36 Ghz и најверојатно станува збор за Kirin 659. Освен тоа, P20 Lite е опремен со 4 GB RAM и 64 GB интерна меморија за складирање податоци.
Задната камера е двојна, сензорите се со резолуција од 16MР и 2 мегапиксели, a тие се наоѓаат вертикално, додека блицот е под нив. Сензорот за отпечатоци е исто така на задниот дел на уредот. Предната камера изненадува со дури 24 мегапиксели. Други карактеристики вклучуваат MicroSD слот и 2.900 милиампер часови батерија. Оперативниот систем, логично, е Android 8.0 Oreo со EMUI 8. Телефонот ќе биде претставен заедно со останатите претставници на серијата P20 на специјален настан во Париз на 27 март.