Утрово во Барселона, на Mobile World Congress, компанијата Huawei го претстави новиот чип кој ќе им овозможи на мобилните телефони да се поврзат на следната генерација на мобилни мрежи, 5G.
Huawei забрзано се искачува на пазарот на мобилни телефони, па сега уште еднаш покажаа дека можат да се одржат на еден чекор пред конкуренцијата со новиот чип за мобилна мрежа.
Од компанијата тврдат дека чипот Huawei Balong 5G01 е првиот кој го поддржува новиот 3GPP стандард за 5G мрежи, и дека со него ќе може да се симнуваат податоци со брзина од 2,3 Gbps. Судејќи според големината на чипот, тој веројатно нема да биде вметнат во телефони, туку во мобилни hotspot места.
Извршниот директор на Huawei, Ричард Ју, вели дека оваа компанија инвестирала 600 милиони американски долари во оваа технологија, која најверојатно ќе биде надградена за да може да се користи во автономни возила, мобилни телефони и паметни домови. Huawei исто така произведува мрежна опрема, па тие велат дека ќе бидат првата компанија која ќе понуди 5G услуги преку нивната мрежа и уредите кои ги произведува.
Со ова, Huawei станува сериозна конкуренција дури и за производителите на чипови, каде досега неколку чекори пред другите се наоѓаше Qualcomm.
5G е следната генерација во мобилниот мрежен систем и ветува големи унапредувања во однос на брзината и квалитетот на мрежата. Сепак, ќе треба да почекаме уште неколку години додека да можеме да ги видиме првите телефони со 5G мрежа.