Зимските јакни кои што американските спортисти ќе ги носат на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, не само што ќе изгледаат добро, туку ќе бидат и „паметни“.
Сите ние кога ни е студено, сме посакале нашата јакна дополнително да не стопли, а оваа желба ќе им се оствари на американските спортисти кои што на Зимските олимписки игри ќе носат специјални паметни јакни кои што ќе имаат дополнително греење.
Како што истакнаа за време на претставувањето, јакните кои што ги дизајнираше познатиот моден дизајнер Ралф Лорен во себе ја имаат најновата иновативна технологија – систем за греење кој што е вграден во самата јакна и со кој што спортистите ќе можат да управуваат преку апликација на својот паметен телефон.
Посебниот греач е поставен во внатрешната страна од јакната во облик на американското знаме, флексибилен е, се растегнува и се прилагодува за време на носењето, а поврзан е со посебна батерија во јакната. Батеријата има капацитет од 11 часа греење со најголем интензитет, а нивото на топлина лесно ќе може да се регулира преку паметниот телефон.
Оваа јакна исто така беше пуштена и во слободна продажба, па сите примероци биле распродадени за час и половина.
Иако од Ралф Лорен соопштија дека не планираат да произведат нови примероци на оваа јакна, сепак од таму порачаа дека оваа технологија сигурно ќе биде инсталирана на некоја нивна идна колекција за поширока продажба.
Ако ви се допаѓа концептот на паметната јакна со сопствено греење, тогаш почнете да штедите до претставувањето на новото „паметно“ модно парче на Ралф Лорен, затоа што оваа јакна чини околу 7 илјади долари.