Според најновите податоци на StatCounter, Windows 10 конечно стана најмасовно користената верзија на оперативниот систем на Microsoft.
Во јануари пазарниот удел на актуелното издание на Windows скокна за 1,09% и веќе 42,78% од компјутерите се со инсталиран Windows 10.
Во исто време, уделот на Windows 7 e намален за 0,03% до 41,86%. Интересно во овој случај, на Windows 10 му беа потребни две и пол години, за да го добие статусот на најкористена верзија.
Пред само една година, Windows 7 водеше со над 15%, а соодносот во негова корист изнесуваше 47,46% – 32,84%.
Сите други верзии на оперативниот систем на Microsoft веќе имаат удел од помалку од 10% во рејтингот на StatCounter. Windows 8.1 е трет со 8,7%, а 3,36% од корисниците се уште го имаат „античкиот“ Windows XP.
Секако треба да се има предвид дека според други анализи, Windows 7 се уште води пред својот понов роднина, така што податоците на StatCounter не би требало да се земаат здраво за готово.