Градската управа на Виена известува дека во градската подземна железница, за покривање на потребите од енергија за осветлување, се користи енергијата која се ослободува при кочењето на шинските возила. Како што се истакнува, во текот на едногодишниот тест период, на овој начин е добиена енергија од 1,6GWh, што е еквивалент на потрошувачката на 360 домаќинства.
Пред околу една година, виенскиот јавен превозник, Wiener Linien на една од станиците на линијата U2 инсталираше опрема за искористување на енергијата која настанува при регенеративното кочење на возилата на подземната железница. Инаку, таа енергија досега била искористувана за задвижување на други возила, но овој концепт се соочувал со проблеми доколку во моментите на кочење во близина нема друг воз, па таа енергија како топлинска се предавала кон околината.
Споменатата постројка, сега овозможува искористување на таа енергија за снабдување на станицата со електрична енергија, главно за осветлување, движење на ескалатори и лифтови. На овој начин, досега се остварени заштеди на ниво од околу 100.000 евра, па во наредниот период се планира овој концепт да се преслика кај уште пет станици.