Американската вселенска агенција NASA ќе ги открие деталите околу нивните планови за повторно враќање на Месечината уште на почетокот на февруари, откако веќе беше одреден буџетот за 2019 година.
Во декември минатата година претседателот Трамп ја потпиша Вселенската директива 1, во која NASA се задолжува со мисијата за враќање на Месечината, и притоа се ослободува од мисијата на која агенцијата беше задолжена со претходната администрација – патување и истражување на Марс.
Сепак, изостануваат детали околу мисијата и како таа ќе биде изведена. NASA моментално работи на изградбата на нова товарна ракета, Систем за лансирање во вселената (SLS), како и вселенска капсула наречена Orion. Исто така, во буџетот постојат планови и за изградба на вселенска станица во близина на Месечината, наречена Deep Space Gateway.
Засега нема откриени планови за тоа како NASA би требало да го изведе враќањето на Месечината, ниту пак постои конкретен датум за тоа. Агенцијата ги држи во тајност и целите на мисијата на Месечината.
Единствено што засега се знае е дека Доналд Трамп преферира да го насочи истражувањето на вселената и буџетот за истото кон патување на Месечината, а не на Марс. Претходната администрација предводена од Барак Обама инсистираше да најде начин на кој Американците ќе бидат првата нација која ќе стигне до „Црвената планета“.
Поврзани артикли