На аукцијата која се одржа минатиот викенд во Париз, автомобилот “Citroen 2CV Tip A” од 1949 година значително ја надмина проценетата вредност.
Се веруваше дека реткиот примерок на моделот попознат како “спачек” ќе биде продаден по цена од 11 до 15 илјади евра, но на крајот еден холандски музеј понудил рекордни 70 илјади евра.
Станува збор за еден од првите примероци на “Citroen 2CV”, моделот кој ја имаше својата светска премиера на 7-ми октомври 1948 година, на саемот за автомобили во Париз.
Сериското производство на овој модел започна во 1949 година, а овој “спачек” од 70 илјади евра припаѓа на првата серија од 876 автомобили што излегле од фабриката таа година, или поточно 458-от произведен автомобил, што значително влијаело на конечната цена на лицитацијата.
Инаку, кога “спачек” се појави во продажба во 1949 година, владееше голем недостиг на челик како последица на Втората светска војна. Тоа довело до застој во производството, па листата на чекање се продолжила за неколку години.
Поради тоа, малиот број половни возила од овој модел кои биле достапни на пазарот достигнале повисока цена од новиот автомобил, за кој идните сопственици морале да чекаат од 3 до 5 години.
Моделот “спачек” со број на шасија 000458 кој е продаден изминатиот викенд преку аукциската куќа “Осенат” е во солидна состојба, но сепак ќе биде реставриран пред да биде изложен во музејот.
На истата аукција се нашле уште три вакви автомобили, но тие се продале по значително пониски цени.