Цената на акциите на компанијата „Фејсбук“ падна 4,5 отсто кога основачот на социјалната мрежа, Марк Цукерберг, најави воведување големи промени во начинот на прикажување вести. Со тоа, според светските агенции, 33-годишниот Цукерберг, кој поседува 14 отсто од акциите на компанијата, загубил 3,3 милијарди долари само за едно деноноќие.
„Фејсбук“ најави промени во начинот на функционирање на своите вести правејќи ги помалку истакнати натписите од бизниси, брендови и медиуми. Наместо тоа, ќе се истакне содржината што ги поттикнува разговорите меѓу семејството и пријателите, кои ја користат страницата, објасни главниот извршен директор Марк Цукерберг на својата страница.
Промените ќе стапат во сила во текот на следните недели.
„Добивме повратна информација од нашата заедница дека јавните содржини – мислења од бизниси, брендови и медиуми – ги пропуштаат личните моменти, што нè водат кон поголемо поврзување едни со други“, напиша Цукерберг.