На вториот ден од 2018 година, во Дубаи беше отворена уште една мегаградба висока 150 метри и во облик на рамка за слика. Токму поради својот облик, градбата е прогласена за најголемата „рамка за слика“ во светот. Објектот нуди прекрасен панорамски поглед, истовремено сместувајќи ги во рамка Бурџ Калифа и другите облакодери. Речиси една деценија откако за прв пат овој проект бил предложен, денес посетителите имаат пристап до нивото кое е лоцирано на 93 метри каде се наоѓа мост со транспарентни патеки поплочени со стакло.
И овој проект не мина без контроверзи, поточно спор околу авторството. Имено, минататa година New York Times објави дека мексиканскиот архитект Fernando Donis ја тужи управата на Дубаи за кражба на проектот за овој објект. Во 2009 година тој бил победник на конкурсот организиран од компанијата ThyssenKrupp, во конкуренција на околу 900 учесници. Но, подоцна тој ниту бил вклучен во изведбата на објектот, ниту пак добил било каква компензација за својата интелектуална сопственост.