На едно од новоотворените паркиралишта во Загреб постојано може да се види некое возило како левитира во воздухот и метални „раце“ кои манипулираат со возилата. Имено, се работи за автомобили паркирани на т.н rotary паркинг, економичен паркинг систем кој наместо во површина оди во височина. Возилото влегува во паркингот, а потоа се подига со цел истото место да го ослободи за ново возило.  На овој начин, на паркинг место на кое обично се паркираат две возила сега може да се паркираат осум.

Се разбира, ваквата практика воопшто не е новина во светот, но во регионот за прв пат е имплементирана во Загреб. Овие системи особено се проширени во Јужна Кореjа и Кина.

Во Загреб зад овој проект стои хрватската компанија EuroPark System. На пазарот се нешто повеќе од една година, но двајцата партнери во компанијата имаат над 20 годишно инженерско искуство во иновации и развој на системи за паркирање.  Проектот го развиле во соработка со факултетите и компаниите од Хрватска.

Овој систем на паркирање се појавил во 20-тите години во САД под притисок на се поголемиот број автомобили и неподготвеноста на градската инфраструктура за нивно  прифаќање. Така во 1923 година компанијата Westinghouse во Чикаго го претставила првиот ротациски паркинг систем.

„Сите големи градови имаат проблем со простор за паркирање. Иако во Европа има голем број вакви системи, над 90% е од јужнокорејско производство. Ние се потрудивме и успеавме да направиме целосно наш производ. Изградбата на подземните гаражи е скапа а потребно е и многу време за изградба. Од друга страна, ротацискиот паркинг може да се монтира на одредена локација за 10 дена“ велат од компанијата EuroPark System.