„Биткоин Свис“, швајцарска финансиска фирма која е специјализирана за тргување со најпознатата криптовалута стана главен спонзор на данскиот хокеарски тим Рунгстед Сеиер Кепитал. И откако швајцарците го преземаа клубот, арената во која тие играат сега ќе се вика „Биткоин Арена“, а еден од професионалните хокеари наместо во дански круни, плата ќе добива во – биткоини.
Не е прецизирано колкава ќе му биде платата, но и како ќе се пресметува таа плата, особено што вредноста на биткоинот постојано варира, а во последната година вртоглаво расте. Сепак, интересно е да се види дали по овој историски момент и други професионални спортисти ќе се решат да добиваат плата во биткоини.
Тоа што е најавено е дека во новата Арена ќе може да се плаќа со биткоини, етерум и биткоин-кеш, а во паковите со кои играат хокеарите ќе биде скриен еден биткоин, кој навивачите ќе може да го претворат во вистински пари, ако го пронајдат.