Елвис Церо кој живее во Тузла смисли решение за градскиот метеж. Станува збор за прототип на електромоторно возило под името Go City кое може да се трансформира во преносен куфер.
Тој е машински инженер и работи во Мостар. На решението работел две години и истото има потенцијал да ги реши проблемите со сообраќајниот метеж и тешкотиите со наоѓањето паркинг место, особено во поголемите градови.
„Идејата дојде сама по себе бидејќи сакав да направам нешто иновативно, нешто што не постои на пазарот, едноставно и практично и што ќе штеди време и простор“ вели Церо.
Возилото е дизајнирано за една личност до 185 цм и тежина до 100 кг со помал ранец. Истото може да се склопи во димензии на куфер. Церо објаснува дека тоа значи намалување на возилото за 10 пати. Брзината му е ограничена на 45 км/час по патишта, а 25 км/час во градска зона или на велосипедска патека.
Проектот е моментално во втора фаза, а компанијата во која работи Церо го поддржува проектот финансиски и материјално. Возилото е дизајнирано да го заштити возачот и за време на дожд. Наменет е за сопственици на камп-куќи, јахти, бродови, камиони, а може да има и директна примена на аеродроми и големи саеми. Производот е планиран за странски пазар, најмногу и поради цената која изнесува 2.700 евра.
Извор: ba.n1info.com