Бил Гејтс чита околу 50 книги годишно, а на крајот на секоја година ја објавува листата со, според него, најдобрите пет книги што ги прочитал таа година. Основачот на „Мајкрософт“ десетина години наназад јавно ја споделува листата од омилени книги за тековната година, со надеж дека тие ќе ги инспирираат другите исто како што го инспирирале него.
„Најдоброто што можеме да го сториме“, Ти Буи е автобиографска новела која ја раскажува приказната за ќерка на виетнамски бегалци што доаѓаат во САД по падот на Сајгон во 1975 година. Според Гејтс ова е семејна приказна што е различна од другите.
„Протерани: Сиромаштија и профит во американскиот град“ од Метју Дезмонд според Гејтс е „интензивен портрет на американската сиромаштија“. Авторот е социолог од Универзитетот „Принстон“, кој поминал 18 месеци во две соседства во Милвоки – едното претежно составено од белци, а другото од црнци, со високо ниво на сиромаштија. Тој ги документирал нивните животи.
„Верувај ми: Мемоар на љубовта, смртта и џез-пилињата“ од Еди Изард опишува како авторот ги надминал своите тегоби како дете, како научил нови вештини и станал светски признаен комичар, актер, писател и активист. Гејтс објаснува дека успеал да се поврзе со Изард иако немаат речиси ништо заедничко.
„Симпатизерот“ од Виет Тан Нгујен е новела што добила Пулицерова награда и раскажува приказна за виетнамски двоен агент кој шпионира во Лос Анџелес. Во книгата се опишува како е да се биде помеѓу двете страни на Виетнамската војна, истакнал Гејтс.
„Енергија и цивилизација: Историја“ од Вацлав Смил опишува како енергијата обликувала општества низ историјата. Гејтс прочитал 37 книги од овој автор досега и го издвојува како еден од омилените.