Фактот дека океаните сe повеќе се преполнуваат со отпадна пластика, го инспирало создавањето на шпанскиот стартап Sea2see кој го собира пластичниот отпад од водите и го пренаменува во моден аксесоар
Брендот е дел од глобалното движење на компании кои користат модел на циркуларна економија за да ја претвораат отпадната пластика во фармерки, скејтборди, чизми и многу други производи.
Sea2see покажува колку овој пристап носи предности за локалните заедници, за околината, како и за глобалната економија. Компанијата соработува со рибари во 22 пристаништа на брегот на Каталонија во северноисточна Шпанија. Рибарите претходно биле обучени во методи за собирање пластика, па во текот на своите рибарски дневни активности, тие ја собираат пластиката од водите и ја складираат во контејнери во пристаништата.
Компанијата потоа ја зема пластиката, ја чисти и селектира, за потоа да ја рециклира и да ги произведува своите веќе познати наочари во фабрика во Италија. Оној дел од пластиката кој не можат да го употребат, го продаваат на останати еколошки компании кои би произвеле друг производ од пластиката.
90% од вкупната пластика која се собира од океаните, може да биде рециклирана. Компанијата цели кон тоа да продава 25 000 наочари годишно кои моментално се достапни во Шпанија, Италија, Холандија и Белгија. Во иднина сакаат да се прошират и на американскиот пазар, а сакаат да остварат соработка со локални оператори во Африка кои ќе соработуваат со рибарите и ќе ја собираат пластиката од афричките брегови, известува Global Citizen.
„Рибарите имаа репутација дека го загадуваат океанот со тоа што ги фрлаат своите мрежи за ловење во водите, па тоа што можат сега да помогнат во собирањето на пластиката ги прави посебно горди. Нашата цел е сето она што оди во водите да се врати и да се реупотреби, нешто што не се случило порано.“, изјавува Франсоа фан ден Абеле, основачот на Sea2see.
И рибарите имаат бенефит од ова бидејќи пластичниот отпад во океаните е сериозна закана и за морскиот живот – рибите честопати ги конзумираат ситните делови пластика мислејќи дека е храна.
Иницијативите како оваа на Sea2see директно се справуваат со ваквите закани, а исто така ја креваат и свеста за проблемот со пластичниот отпад.
Државите како Франција, Кенија, Мароко и Индија веќе забранија одредени форми на пластика, а големи меѓународни брендови како Adidas, H&M и Levis бараат начини како да го вклучат рециклираниот пластичен отпад во нивните производи.
Извор: Иновативност