Последните анализи на пазарот покажаа дека потрошувачите губат интерес за таблетите. Глобалната продажба на овие технолошки уреди продолжува да опаѓа континуирано во текот на целата година.
Во периодот јули-септември, околу 40 милиони таблети биле испорачани на глобално ниво, што е намалување за 5,4% во споредба со третиот квартал од минатата година. Падот на продажбата на таблетите се објаснува со зголемената популарност на паметните телефони, како и стабилизирањето на традиционалниот компјутер на пазарот. Покрај тоа, корисниците не се брзат да ги обноват своите веќе купени таблети.
Лидерот на пазарот на таблети, Apple, има продажба од 10,3 милиони iPad-и во третиот квартал од оваа година и е далеку над Samsung, кој продал 6 милиони таблети. Прогнозите велат дека следната година ќе биде уште полоша за производителите на таблети, затоа што се очекува интересот за овие уреди континуирано да опаѓа.