Околу 20 милиони Американци имале увид на Instagram во содржините креирани од страна на руски оператори пред претседателските избори во Америка, обелодени социјалната мрежа Facebook.
Податоците се изнесени во рамки на истрагата на разузнавачкиот одбор на американскиот сенат, а во врска со тоа како Русија ги користела социјалните мрежи за да влијае на изборите во САД, пренесува „Ројтерс“.
Одборот сослушуваше претставници од компаниите Facebook, Twitter и Google во врска со овие прашања.
Правниот директор на Facebook, Колин Стреч, во текот на сослушувањето изјави дека околу 16 милиони Американци би можеле да бидат изложени на руските информации преки Instagram почнувајќи од октомври 2016 година, а претходно истиот материјал го виделе уште и околу четири милиони корисници.
Facebook претходно оваа недела објави дека 126 милиони корисници на Facebook и Instagram имале увид во вакви содржини во текот на 2015 и 2016 година.
Вкупно околу 150 милиони лица биле изложени на руски дезинформации на двете платформи, изјави Стреч.
Извор: Макфакс