Акциите на Apple достигнаа рекордно ниво, откако компанијата соопшти дека прелиминарните барања за јубилејниот модел iPhone X, кој излегува по неколку дена, се над нејзините очекувања, пишува Ројтерс. Компанијата од Купертино не дава конкретни податоци колку точно се нарачките на новите телефони и тоа им отежнува инвеститорите и пазарите.
Аналитичарите собираат податоци земени главно од страна на снабдувачите на Apple, анкети меѓу корисниците и други индикатори. Околу iPhone X, изгледа има многу повисок ентузијазам отколку кон iPhone 8 и iPhone 8Plus, кои излегоа во септември и кај кои имаше и некои проблеми со батеријата.
Заклучокот на аналитичарите е дека побарувачката за новите телефони всушност е висока и покрај рекордната цена на телефонот, почнувајќи од 1.000 долари во САД и достигнува 1.455 долари на некои пазари, како Унгарија. Позитивните очекувања доаѓаат речиси два месеци откако iPhone X беше промовиран.
По настанот акциите на Apple направија неочекуван пад, главно поради големиот временски интервал меѓу настанот, пуштањето на iPhone 8 на пазарот и пуштањето на iPhone X. Акциите тргнаа нагоре, откако во соопштението Apple објавија дека побарувачката за јубилејниот модел е „надвор од секакви очекувања“.
Акциите достигнаа цена од 169 долари денеска, откако пазарната капитализација на компанијата достигна 873 милијарди долари и така се блиску до имплицитната цел на менаџментот да станата првата јавна компанија, проценета на 1 трилиони долари.