Не е тајна дека наредната голема работа кај смартфоните ќе бидат свитливите дисплеи и причината за ова е едноставна – ваквиот уред ќе може да го користите како стандарден смартфон кога ќе биде склопен, односно како таблет кога ќе го отворите. Уште да замислиме и додатна тастатура и маус, ова би бил уред кој ќе може да се користи и како своевидна замена за лаптоп.
Според сите информации кои ги имаме досега, Samsung веројатно ќе биде првиот производител кој ќе има ваков смартфон на пазарот, кој најверојатно ќе го носи името Galaxy X и ќе биде најдобриот во понудата. Сега тие имаат и нов патент за тоа како би можел да изгледа овој телефон, кој се витка на половина слично како што се витка и Microsoft Surface Book, односно кога ќе се превитка, останува простор меѓу двата делови.
„Шарката“ која се користи за преклопување на смартфонот сепак е прилично голема и нејзината функционалност е дискутабилна, бидејќи телефонот би бил прилично дебел кога ќе го ставите во џеб и ќе го преклопите. Сепак, ова е веројатно само еден од дизајните кои ги спрема Samsung – финалниот уред би можел да биде целосно различен. Како и да е, на надворешниот дел од телефонот веројатно ќе биде вграден помал дисплеј, кој би се користел за нотификации.
Сѐ уште нема дефинитивни информации за тоа кога ќе биде лансиран овој паметен телефон – некои велат дека тоа ќе се случи уште наредната година, но јас мислам дека е прерано и типувам на 2019 година или најрано на крајот од наредната година.