Во иднина можеби нема да бидат потребни мрежи од сензори или волонтери за детектирање на земјотреси. Всушност, оптичките кабли за Интернет ќе може да ја вршат таа задача. Истражувачи развија технологија која детектира сеизмичка активност преку оптичките кабли. Со ласери се следат каблите и се детектира помрднување, а потоа се испраќаат информации за силата и правецот на потресот. Системот не замо што може да детектира различни типови сеизмички бранови туку може да забележи и мали или локализирани потреси.
Ваквата детекција не е новина, но претходно беше фокусирана на акустика, односно ласерите беа поставувани во цемент, на површината или на кој било начин во контакт со земјата. Со новиот метод тоа не е потребно. Може да се користат постојните оптички кабли, па ќе биде многу поевтино и полесно да се имплементираат новите детектори.
Сепак, има многу предизвици додека да се реализира ова. Најпрвин, тука е ограничената оптичка мрежа, па нема да може да се вклучат руралните области. Потоа, моментално технологијата се тестира на радиус од 3 километри околу Универзитетот Стенфорд. Би било многу поголем предизвик да се следи цела мрежа во еден град, а да не ни споменуваме за цела држава.