Microsoft изгради куќички на дрво за своите вработени (ВИДЕО)

Компанијата Microsoft за своите вработени изгради три куќички на дрво во кругот на своето претставништво во Редмонд во државата Вашингтон. Две од куќите се веќе отворени за вработените, а третата треба да биде завршена до крајот на годината. Куќите ги дизајнира Пит Нелсон, водител на емисијата Treehouse Masters што се емитува на Animal Planet, а треба да траат 20 години.

Работните катчиња се достапни за сите вработени во базата на Microsoft во Вашингтон која се простира на површина од скоро 240 хектари. Во нив е обезбеден интернет како и дрвени работни масички на кои има електронски приклучоци. За сончевите денови во надворешното уредување се планираат столчиња за нишање.

– Вработените во компанијата велат дека со оглед на можноста која им се укажува, тие ќе работат повеќе надвор отколку во канцеларија, рече Брет Боултер кој работи во одделот за недвижности, а воедно и го предводеше овој фантастичен проект.

Со градењето на куќите од компанијата сакаат вработените да се приближат кон природата и да им обезбеди поудобно и релаксирано деловно опкружување. Истите се опремени со безжичен интернет и електрични приклучоци, клупи, камини и надворешна WiFi мрежа.