Ураганот Офелија, кој се формираше над Атлантикот, а вчера прерасна во ураган од прва категорија, може да погоди делови од Европа, јави американсата специјализирана телевизија за временска прогноза „Канал за време“. Според информациите, Офелија би можела уште викендов да стигне до португалските Азорски Острови, по што, би требало да дојде до Ирска.
– Офелија е веќе десетата бура оваа сезона во Атлантикот, која добила име, што не се случило од 1893 година, изјави метеорологот Фил Клоцбах, експерт за тропски бури кој работи на Универзитетот во Колорадо.
Исто така, Офелја најверојатно ќе биде само 15-ти регистриран ураган кој стигнал до Азорските Острови од 1851 година.
Американскиот Национален центар за урагани прогнозира дека Офелија до понеделник, патувајќи бавно кон североисток, западно од Пиринејскиот Полуостров ќе стане пост-тропски циклон, но сепак може да развива урагански ветрови.
Жариштето на бурата би требало да остане далеку од копното, но нејзините рабови, токму кога ќе преминува од тропска бура во пост-тропски циклон, ќе донесат силен ветар и пороен дожд на западниот брег на Шпанија и Португалија.
Тоа досега, откако се вршат мерења, е регистрирано само двапати – во октомври 1842 и во октомври 2005 година, кога двете држави ги погодија остатоците од ураганот Винс, кој потоа стана тропска депресија.
Британскиот метеоролошки институт, преку Метеоалармот веќе издаде жолти предупредувања поради силниот ветер што се очекува во Шкотска, Велс и западна Англија. Метеоролозите во Ирска, исто така, издадоа жолти предупредувања за целата држава.
Поврзани артикли