Стотици од најпопуларните интернет сајтови се користат од страна на хакери, за да коваат криптовалути со ресурсите на уредите на корисниците без нивно знаење.
Имено, хакери ги надминуваат заштитите на сајтовите и додаваат код кој генерира избрана криптовалута преку системскиот ресурс на корисниците. Колку повеќе корисници посетуваат сличен заразен сајт, толку повеќе ресурси се користат за генерирање на виртуелната валута, што ги зголемува приходите. Тие се уште поголеми кога корисниците остануваат подолго време на заразената страница.
Сепак, профитот за хакерите не е голем. Една анализа покажува дека сајт кој има 1 милио посетители месечно, може да генерира само околу 116 долари во криптовалутата „Monero“. Сепак, кога станува збор за стотици големи сајтови, малите добивки се акумулираат, а напорите за хакерите се минимални.
Но освен администраторите на сајтовите, самите платформи како „Coin Hive“ активно работат против хакерите и ги блокираат профилите за кои има сомневање дека користат нерегулирани ресурси. Компанијата за сајбер безбедност „Cloudflare“, исто така, објави дека веќе има блокирано слични скрипти.
Корисниците во повеќето случаи не забележуваат дека еден сајт ги користи ресурсите на нивниот компјутер без нивна дозвола. Обично тоа станува видливо кога малициозен код го натоварува процесорот повеќе и работата на компјутерот започне да се забавува. Дури и тогаш, сепак, корисникот тешко може да ја разбере причината.